Македонија Новинарските здруженија од регионот со осуда за нападите врз новинарите во Македонија

Новинарските здруженија од регионот со осуда за нападите врз новинарите во Македонија

Новинарските здруженија од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово и од Македонија денеска изразија солидарност и поддршка за новинарите и за медиумските работници во Македонија, кои, како што оценија, константно се соочуваат со притисоци, физички напади, како и со смртни закани.

Здруженијата од регионот, по нападот на новинарот на Телевизија 24 за време на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, ги повикаа македонските институции да преземат соодветни мерки и да излезат во одбрана на новинарите.

– Членовите на оваа регионална мрежа, која се залага за слобода на говорот и за физичка безбедност на новинарите, бараа македонските институции веднаш да спречат секаков вид насилство врз новинарите и на ефикасен начин да спроведат истрага за сите досегашни напади, за да се откријат и да казнат сторителите – реча изјави Саша Лековиќ, претседател на Здружението на новинари на Хрватска.

Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, особено загрижува фактот што во координираните напади учествувале, како што велат, лица кои се носители на јавни функции, како и претставници на државни институции.

– Жално е тоа што насилството врз новинарите е координирано од страна на партиските центри. Овие напади се зачестени во време кога во Македонија ескалира политичката криза. Без дилеми, насилството врз новинарите е поврзано со жешките политички конфронтации кои се случуваат во последно време во Македонија – вели Селмани.

Во последните четири години, според податоците на ЗНМ, во Македонија се регистрирани 44 напади врз новинари, од кои 19 се случиле во текот на минатата година. Само во изминатите 30 дена се регистрирани шест напади врз новинари, од кои двајца завршиле во ургентен центар.