Македонија Новинарот Кежаровски избран за потпретседател на ЗНМ

Новинарот Кежаровски избран за потпретседател на ЗНМ

Управниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), на својата последна седница одржана вчера, едногласно го избра новинарот Томислав Кежаровски за потпретседател на ЗНМ.

Тој претходно беше избран за член на Управниот одбор на ЗНМ, односно на последното Собрание на здружението кое се одржа во декември минатата година.

Кежаровски во моментот се наоѓа на условен отпуст, откако беше експресно затворен по објавувањето на пресудата на Апелацискиот суд од две години, што предизвика жестоки реакции меѓу новинарите и новинарските задруженија во земјата, но и во Европа и во светот. По три дена беше пуштен на слобода со решение за привремен отпуст од еден месец од затворот „Скопје“, а еден ден потоа Кривичниот суд донесен одлука за условен отпуст. Неделава истекува рокот за жалби по одлуката на судот, со што таа станува правосилна.

На вчерашната седница, Управниот одбор на ЗНМ избрал Комисија за доделување на наградите на ЗНМ за животно дело и за истражувачка сторија, за кои деновиве треба да биде објавен конкурс.

На седницата, членовите на Управниот одбор избраа и Комисија за членство, за правни прашања и за бенефиции.