Македонија Неделата на гордоста ќе се одбележи со протести пред Владата, Обвинителството и...

Неделата на гордоста ќе се одбележи со протести пред Владата, Обвинителството и пред МРТВ

Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, трета годнина по ред ја организира Неделата на гордоста, што ќе се одржи од понеделник до сабота и ќе вклучува серија настани, дебати, протестни обраќања, предавања и проекции на филмови на повеќе локации.

„Целта на Неделата на гордоста е да го покрене вниманието на општата јавност кон континуираното прекршување на човековите права на ЛГБТИ-заедницата, дискриминацијата, молкот од институциите, потребата од солидарност и од поддршка. Поради тоа, повеќето од организациите членки на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија дадоа поддршка во движењето „Граѓаните за Македонија“, искажувајќи го својот револт кон моменталната власт“, велат од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.

Тие во рамки на Неделата на гордоста ќе организираат протести пред Владата, Основното јавно обвинителство и Македонската радио-телевизија.

„Во рамки на Неделата на гордоста, повторно со протестно обраќање ќе ја потсетиме Владата на Република Македонија, в четврток, во 13.15 часот, дека треба да си оди, меѓу другото и поради континуираното прекршување на правата на ЛГБТИ-заедницата. Ќе го потсетиме и Основното јавно обвинителство, в петок, во 13.15 часот, за постојаните напади на ЛГБТИ-центарот за поддршка и нападите на активисти, чии сторители никогаш не ги пронајде. За крај, в сабота, во 13.15 часот, ќе ја потсетиме и Македонската радио-телевизија за шовинистичката и хомофобичната пропаганда која континуирано ја шири и за неизвестувањето за прекршувањата на правата на ЛГБТИ-заедницата“, велат од мрежата за борба против хомофобијата.