Мета.Избор Не биле странски служби, Заев го правел тоа?

Не биле странски служби, Заев го правел тоа?

Дали странската служба, која премиерот Никола Груевски во правосудно-истражителниот дел од својата минатонеделна прес-конференција ја првоосомничи како „мастермајнд“ на аферата со прислушување, испари од сè уште ненапишаниот обвинителен акт за случајот „Пуч“?

Во неколку прилози и текстови во медиумите кои отворено ги застапуваат политиките на владејачката гарнитура не може, а да не се забележи напуштањето на тезата за „странските служби“, а во прилог на новата теза дека „сè е дело на Заев“.

Така, еден од вчерашните ТВ-прилози на оваа тема, беше со наслов „Зоран Заев стои зад целата операција прислушување?“.

„Зад нелегалното прислушување стои Зоран Заев, а со цел насилно преземање на власта“, се вели во прилогот.

Во весник близок до власта го има истиот наслов, само без прашалник. „Заев е мозокот на операцијата за прислушување, и тоа поткрепено со докази. Заев е целосно демаскиран пред домашната и странска јавност. Јавноста, освен неколку закоравени опозиционери, веќе сфати дека Заев стои зад целата операција со нелегално прислушување, кое е во интерес исклучиво на опозицијата и на странски елементи. Врв на лицемерието е тоа што Заев директно и намерно ја загрози приватноста на граѓаните од кои ја бараше и ќе ја бара довербата. Сите докази кои досега се собрани и кои МВР и Обвинителство ги имаат на располагање го потврдуваат ова“, пишува во текстот.

Исто така, познат новинар и уредник  во својата колумна, посветена на прислушувањето новинари, вели дека „според единствени досега утврдени факти, тој што ги прислушувал се вика Зоран Верушевски и неговите соработници кои се сега во притвор. А прислушувале за потреби на СДСМ кому, преку Заев, ги дале снимките од тие разговори. Ако се разговори верни“.

Премиерот Груевски, пак, на минатонеделната прес-конференција, повикувајќи се на досегашната истрага рече:

Според досегашните сознанија кои ги добив од МВР, зад снимањето стои странска разузнавачка служба чии главен соработник во РМ е лицето З.В., кој развил своја агентурна мрежа во Македонија. Овдека играта не е Зоран Заев, тој е само еден најобичен инструмент, камиказа, овде играта е многу поголема, преголема за неговите сфаќања. Јас не сум човек кој функционира под закани и уцени, тоа е неприфатливо кон граѓаните и кон државата да калкулирам за националните и државните интереси. Сите факти и околности треба, и верувам ќе се утврдат низ транспарентната и објективна постапка“.