Економија НБРМ: Домашната економија во пораст со солидно темпо, политичките случувања влијаат ограничено

НБРМ: Домашната економија во пораст со солидно темпо, политичките случувања влијаат ограничено

Според најновите показатели, домашната економија и понатаму е во пораст со солидно темпо, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки, се вели во најновиот извештај на Народна банка.

– Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво, кое е доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина – се вели во соопштението.

Што се однесува на ефектите врз домашната економија што произлегуваат од политичките случувања во земјава, од Народна банка оценуваат дека тие се ограничени.

– Сепак, и понатаму постои неизвесност во опкружувањето, што создава ризици за следниот период. Во вакви услови, насоката на монетарната политика во следниот период ќе зависи од стабилизирањето на домашниот политички контекст и од нeговите ефекти врз економијата, како и од промените во надворешната позиција и од ефектите врз девизните резерви – се додава во соопштението.

Во однос на економската активност, годишниот пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за четвртиот квартал изнесува 3,9 отсто, со што за целата 2015 година остварениот пораст на БДП изнесува 3,7 отсто и е умерено повисок во однос на проектираниот.

– Расположливите податоци за првото тримесечје на 2016 година упатуваат на продолжување на солидниот пораст, при поволни движења во клучните сектори на економијата. Сепак, и покрај овие остварувања, неизвесното глобално закрепнување, а особено неповолните услови на глобалниот пазар на метали и неизвесноста поради домашните политички случувања и понатаму се ризици што може да влијаат врз темпото на идното закрепнување – се вели во соопштението.