Најмалото бебе на одделот за интензивна нега на Клиниката за детски болести, кое било третирано со комплетно излекување и кое има комплетно уреден психомоторен развој, е родено во 25-26 гестациска недела, со тежина од 670 грама и долго 32 сантиметри, соопшти денеска Клиниката за детски болести по повод 17 ноември – Светскиот ден на прематуритетот.
– Ако во 2013 година, просечно, на месечно ниво, на одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести биле згрижени три до четири предвремено родени бебиња, во 2014 година бројот е зголемен за некаде 50 отсто и сега во просек има шест до седум бебиња месечно. Од овој број на предвремено родени, 45 проценти се бебиња родени 32-37 гестациска недела (ГН), 25 отсто се 28-32 ГН, 20 проценти се 26-28 ГН, 8 проценти 24-26 ГН, и само 2 отсто се деца родени под 24. недела – соопштуваат од Клиниката.
Во последните години постои светски тренд на пораст на бројот на предвремено родени деца, кој е последица на современиот начин на живот, поместувањето на старосната граница кај мајките и тоа што е сè поголем бројот на прворотки постари од 35 години, како и на примената на оплодувањето „ин витро“, кое често резултира со близначка бременост која сама по себе е многу ризична и голем дел од овие бебиња се прематурни.
И во земјава постои тренд на зголемување на бројот на хоспитализирани предвремено родени бебиња, како и поместување на старосната граница и денес има сè повеќе бебиња родени во 24. гестациска недела.
– Групата на предвремено родени деца се највулнерабилната група на пациенти на одделите за интензивна нега и терапија, пред кои се наидува на најголеми предизвици не само во насока на спасување на нивниот живот, туку и овозможување на квалитетен и нормален живот. Во последнава година и пол, со воведувањето на новите методи, особено воведувањето на неинвазивната (нежна) вентилација „Bubble CPAP“, одделот може да се пофали со поголемо преживување, особено во групите 26-28 недела. Овој метод е замена за механичката вентилација во ситуации кога состојбата на бебето тоа го дозволува. Со овој неинвазивен пристап, се намалуваат инфекциите, како и одредени состојби предизвикани од интубирањето и од механичката вентилација. Иако методот „Bubble CPAP“ во светските неонатолошки центри се употребува многу години, во нашава земја ние сме единствена институција која го користи и резултатите се видливи дури и за овој краток период – вели д-р Аспазија Софијанова, директорка на детската клиника.
За спречување на предвременото раѓање, но и заради обезбедување добра основа и кондиција на плодот ако дојде до предвремено раѓање, неопходно е добро гинеколошко-акушерско водење на трудниците, бидејќи на тој начин се зголемуваат шансите на тоа дете не само за преживување, туку и за развивање во здрава индивидуа.