Македонија Повеќе од 1.000 битолчани маршираа за чист воздух

Повеќе од 1.000 битолчани маршираа за чист воздух

„Воздухот е живот, воздухот е право“ и „Ставете ги маските“ се само дел од пораките што ги скандираа битолчани на вечерашниот протест на кој побараа здрава животна средина и чист воздух. На Широк сокак се собраа повеќе од 1.000 граѓани, а меѓу нив и мали деца и старци, упатувајќи силна порака до надлежните дека „Битола сака чист воздух“. Учесниците на протестот своите барања ги испорачаа токму пред Центарот за култура, каде во исто време се празнуваше 70-годишнината од ослободувањето на градот и се доделуваа четвртоноемвриските награди.

– За нас Битола е центар на светот, ние резервен град немаме и затоа сме гневни и тажни. Затоа што властите и надлежните секојдневно си поигруваат со животот на битолчани. Затоа бараме нови мерни станици кои секој ден точно и транспарентно ќе го покажуваат квалитетот на воздухот во градот. Бараме да се откријат големите и мали загадувачи и да се имплементираат екостандардите предвидени со закон – порача Иван Јерчиќ, еден од организаторите на протестот, член на здружението на граѓани „За нас се работи“.

На протестот битолчани упатија порака и до оние што беа на свеченоста организирана од Општината, а за нив се скандираше „Вадете ги маските“.

А.Б.