Македонија На армијата предадена АБХО мобилна станица за деконтаминација, донација на САД

На армијата предадена АБХО мобилна станица за деконтаминација, донација на САД

Фото: Министерство за одбрана

Денеска беше предадена на користење мобилната АБХО станица за деконтаминација, донација на САД, за потребите на македонската армија. Беше извршена и презентација на можностите на станицата која може да опслужи и до 50 луѓе наеднаш, како и презентација на извидничката опрема за откривање на радиолошко, хемиско и биолошко оружје.

„Задоволство ми е да покажеме на кој начин напредува нашата билатерална соработка со стратешкиот партнер и сојузник – САД, но како напредува и модернизацијата и опремувањето на нашата армија“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на настанот, на кој присуствуваше и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз и тимот за обука од САД.

„Ова е речиси целосно заокружување на системот со кој што и Армијата на РСМ ги развива своите капацитети за атомска, биолошка и хемиска одбрана и со кои и ние како Армија, членка на НАТО, обезбедуваме опрема која што е неопходен дел од синџирот на обезбедување“, истакна Шекеринска.

Таа посочи дека поддршката од сојузници како САД доаѓа затоа што покажавме и иницијатива и резултати и во сопствен развој на нашите армиски способности.

„За Армијата веќе успеавме да обезбедиме одреден број на заштитни маски со договор што е веќе потпишан, а во тек е набавката и на 1.000 комплети за АБХО опрема кои ќе бидат насочени на нашата лесна пешадија, на тимовите на специјалци и на АБХО четата која што денеска ни е домаќин. Кога Армијата е посилна, и државата е посилна“, посочи Шекеринска, додавајќи дека опремата ќе стои на располагање и на цивилните институции.

Амбасадорката Брнз изјави дека мисијата на АБХО единицата е единствена и посебна, не само затоа што е обучена да ги спасува граѓаните на Северна Македонија во војна, туку затоа што и служи на државата во случаи на природни катастрофи и други предизвици.

„Пред нас стојат професионалци кои знаат како да ракуваат со оваа опрема и навистина ми претставува задоволство што ќе имаат можност да работат на најдобрата опрема за АБХО заштита“, истакна Брнз, и додаде дека ја очекува со нетрпение нивната изведба во септември во Охрид, на вежбата на Координативниот центар на НАТО за одговор на катастрофи.

„Начинот на кој одговараме и на климатските промени и на нападите од надворешни чинители, е начин на кој Алијансата функционира, односно тоа докажува дека заедно сме посилни, што всушност е паролата на НАТО и на соработката помеѓу САД и РСМ“, рече амбасадорката Брнз.