Видео На 28 декември, протестна забава за спас на ГТЦ

На 28 декември, протестна забава за спас на ГТЦ

Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ за зачувување на автентичноста на Градскиот трговски центар во Скопје (ГТЦ) на 28 декември ќе организира голем протестен настан со мотото „Во новата година со стариот ГТЦ“.

Претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, вели дека секогаш ќе стојат во одбрана на автентичноста на ГТЦ.
– Тој остана симбол на борбата против сè она што му се случува на нашиот град. Архитектите сигурно мора да понесат дел од одговорноста и ако успееме да го спасиме ГТЦ, ќе се спасиме и себеси како професија – рече Раѓеновиќ-Јовановиќ.

Никола Писарев од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ вели дека цел декември ќе се води кампања за да се придобијат граѓаните да ја поддржат оваа приказна, како што ја поддржаа на 15 јуни пред две години кога во огромен број излегоа да ја изразат својата поддршка.
– На влезот на ГТЦ, инцијативата ќе има штанд што ќе работи секое попладне, каде што ќе зборуваме со граѓаните, ќе има домаќини на штандот кои ќе бидат видни јавни личности, кои ќе зборуваат за нивните ставови за ГТЦ. Тука ќе се делат промотивни материјали, ќе се промовираат анимации, видеоспотови, кратки филмови со изјави на видни граѓани на Скопје и за нивните ставови околу ГТЦ. Нè очекува едно интензивно и убаво дружење со надеж дека граѓаните на Скопје ќе испратат јасна порака до носителите на одлуките тие да се откажат од заробувањето на ГТЦ – вели Писарев.

Првата средба на активистите што ќе се вклучат во иницијативата ќе се одржи утре, во мобилната галерија во Паркот на франкофонијата, од 18 часот.