Главна секција МВР за акцијата во Куманово: Терористите планирале напади врз државни институции

МВР за акцијата во Куманово: Терористите планирале напади врз државни институции

Акцијата во Куманово е преземена заради разбивање поголема добро вооружена и обучена терористичка група, која планирала напади на државни институции, рече помошник-министерот за внатрешни работи, Иво Котевски, на денешната вонредна прес-конференција по утринската акција на безбедносните сили во Куманово, во која, како што јавуваат медиумите, има повеќе десетици повредени припадници на безбедносните сили.

Котевски не сакаше да даде детали околу бројот на повредни, бидејќи, како што напомена, акцијата била во тек.

– По добиени оперативни сознанија, утрово почна акција за разбивање на поголема терористичка група, која планирала напади на државни институции. Групата влегла илегално од една соседна држава и преку свои поддржувачи се засолнила. Надлежните служби при МВР успеаја да ги лоцираат во куќи во кумановската Дива Населба. Станува збор за добро вооружена и обучена група за борба во вакви услови. Врз основа на претходните информации, подготвен е план за постапување и беше формиран штаб кој ги координира активностите на терен. Утрово, околу 5 часот, специјалните единици почнаа со реализација, при што наидоа на жесток напад од автоматско оружје, бомби и на снајперски оган. На нападот е одговорено исклучително внимателно и соодветно на ситуацијата. Поради специфичниот терен – куќи и тесни улички  – полицијата напредува тактички и врши претреси во околните куќи – рече Котевски.

Тој најави нова прес-конференција со повеќе детали во текот на денот.