Македонија МВР: По престрелката, Трајковски се упатил кон болница по што се превртел...

МВР: По престрелката, Трајковски се упатил кон болница по што се превртел со возилото

Министерството за внатрешни работи доцна попладнево излезе со повеќе детали за синоќешното пукање и бркотницата на булеварот Партизански одреди, при што ранет беше скопјанецот Даниел Трајковски.

Од МВР информираат дека синоќа, околу 23.30 часот, на сè уште неутврдено место, од непознат сторител со употреба на огнено оружје биле истрелани неколку куршуми кон повредениот, кој се наоѓал во својот автомобил, при што сторителот побегнал во непознат правец.

„Повредениот, најверојатно се упатил кон Градската општа болница и движејќи се по булеварот Партизански одреди со својот автомобил „голф 5“ удрил во бетонска жардиниера, при што возилото се превртело. По настанот, од случаен минувач била повикана итна медицинска помош и повредениот Д.Т. е примен во Ургентниот центар, каде поради сериозноста на повредите е извршен оперативен зафат и констатирани се тешки телесни повреди“, соопштуваат од МВР, додавајќи дека Трајковски по оперативниот зафат сè уште се наоѓа во животна опасност.

Од МВР додаваат дека „интензивно, професионално и непристрасно“ работат на расчистување на настанот од минатата ноќ.

Од полицијата сè уште нема одговор во врска со шпекулациите во јавноста дека станува збор за пресметка меѓу криминални банди, како и за тоа дека е можно синоќешниот инцидент да има и политичка заднина.