Македонија МВР најави повеќе полиција на улиците и казни за несовесните возачи

МВР најави повеќе полиција на улиците и казни за несовесните возачи

Министерството за внатрешни работи од утре најави засилено присуство на сообраќајната полиција во урбаните средини и казни за несовесните возачи, особено оние кои возат под дејство на алкохол и со брзина над дозволената.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски на денешната прес-конфренција соопшти дека ваквата акција на МВР следи поради констатирана недисциплина во сообраќајот со непочитување на правилата и прописите.

– Поради тоа Министерството за внатрешни работи подготви мерки и активности кои ќе бида спроведени во наредниот период како на превентивен план, така и со санкционирање на оваа негативна појава. Ги известуваме граѓаните дека во наредниот период најстрого ќе бидат санкционирани сообраќајните прекршоци кои што се причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што е возење под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавање на првенство на минување и слично – рече Ангеловски.

Тој информираше дека во градовите ќе биде засилено присуството на сообраќајната полиција и т.н. возило „пајак“ и дека ќе бидат санкционирани сите непрописно паркирани возила.

Ќе биде сакнционирана и употребата и на т.н. „флешери“, појава која, како што рече, е зачестена во нашата држава.

„Апелирам до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, не за да го избегнат плаќањето на казните, туку пред се за да ја зголемиме безбедноста на сообраќајот на патиштата – рече Ангеловски.