Македонија МОСТ: Крајно време е да се спротивставиме на руската пропаганда и на...

МОСТ: Крајно време е да се спротивставиме на руската пропаганда и на дезинформациите

Студијата откри масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ во онлајн просторот во Северна Македонија, користење на медиумите под контрола на руската држава како извори во статиите и проруски пораки од политичари од регионот, рече авторката Росана Алексоска

Фото: Мета.мк

Граѓанската aсоцијација МОСТ денеска ја презентираше студијата за руската пропаганда, влијание и дезинформации „Една година од руската агресија врз Украина“. Студијата е работена во текот на 2022 и 2023, а се однесува на периодот март 2022 – февруари 2023.

Според авторката Росана Алексоска, руската пропаганда, влијание и дезинформации во Северна Македонија се со голем обем, повеќеканални, повторувачки и без објективност. Студијата дополнително потврдува дека руските операции за влијание имаат за цел да поттикнат поделби во општеството, да ја поткопаат довербата во институциите и медиумите и да предизвикаат вознемиреност кај граѓаните.

„Студијата откри масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ во онлајн просторот во Северна Македонија, користење на медиумите под контрола на руската држава како извори во статиите, проруски пораки од политичари од регионот па и пошироко кои се руски сојузници, како и повеќе случаи на координирано масовно ширење на содржините на Фејсбук преку добро воспоставена и координирана проруска инфраструктура“, посочи Алексоска.

Според неа, руското влијание во Македонија исто така е во согласност со концептот на „остра моќ“ (sharp power), особено преку промовирањето на словенско-православното братство и користењето на црквата. Руското влијание го вовлекува населението во овој концепт и имплицира дека немаме ништо заедничко со западниот свет – што не е точно.

„Овој наратив беше промовиран преку посети на верски личности и заеднички верски служби, што претставува совршен пример за информациска операција. Употребата на правилен јазик и фрази кога се известува за војната претставува суштинска карактеристика во спротивставувањето на пропагандата, влијанието и дезинформациите. Се чини дека голем број портали едноставно ги пренесуваат руските функционери или медиумите контролирани од Русија, и покрај тоа што тие најчесто лажат“, додава Алексоска.

Авторката кажа и дека се чини оти Србија со нејзиниот претседател Александар Вучиќ е вистински руски сојузник во регионот и ги засилува руските дезинформациски наративи и манипулации со информации, при што српските провладини и проруски медиуми/портали служат како извори на такви дезинформации, кои ги преземаат од медиуми контролирани од руската држава.