Македонија Милошоски: Заев е уценет човек што се обиде да ги излаже граѓаните

Милошоски: Заев е уценет човек што се обиде да ги излаже граѓаните

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е уценет човек, кој е согласен на сè само за да дојде на власт, иако СДСМ ги изгуби изборите, порача Антонио Милошоски попладнево на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а веднаш по прес-конференцијата на Заев на која лидерот на СДСМ ја презентираше владината програма на неговата партија.

– Господине Заев, престанете да го потценувате македонскиот граѓанин. Вие сте прочитана книга, вие сте аболиран криминалец, вие сте човек со лабилно мислење, кој во зависност од состојбата на денот ги менува своите политички ставови. Еднаш во Цирих, другпат на ТВ 21, третпат во седиштето на СДСМ. Доколку Вие сте убеден дека тиранската платформа треба да се отфрли, тогаш прифатете ја понудата на ВМРО-ДПМНЕ за малцинска влада, која би ја предводеле, но за која цена нема да плати Република Македонија на штета на нашите национални интереси – рече Милошоски.

Тој рече дека Зоран Заев денеска се обидел да ги излаже граѓаните, ја прочитал програмата на СДСМ и се скрил зад празните флоскули дека ќе се дискутирало во иднина за химната, за грбот, за знамето, но и дека за тоа ќе одлучувале експерти.

– Граѓаните на изборите не гласаа за експерти, тие гласаа за политичари, за кандидати за пратеници и за кандидати за премиер – рече Милошоски.