Македонија Македонците во Албанија вознемирени од изјавата на поглаварот на ИВЗ

Македонците во Албанија вознемирени од изјавата на поглаварот на ИВЗ

Изјавата на поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, дадена за „Лајм“, а во која тој тврди дека „Македонци муслимани не постојат и дека тие се ѓаволско дело и претставуваат ин-витро нација, создадена од партијата ВМРО-ДПМНЕ“, наиде на остра осуда меѓу Македонците во Албанија.

Досега, официјално реагираа Македонско друштво „Илинден“ од Тирана и разгранокот за Голо Брдо, регион со најголема концентрација на Македонци со муслиманска вероисповед.

– Македонците муслимани во Република Албанија имат своја традиција и се автохтони на овие простори. Македонско друштво „Илинден“ најостро ја осудува изјавата на поглаварот на ИВЗ и смета дека е крајно недолична, недозволива и неодговорна. Таа е груба навреда на достоинството на Македонците муслимани во Албанија. Македонско друштво „Илинден“ од Тирана бара реисетот на ИВЗ на Република Македонија безусловно да се извини пред муслиманите Македонци и пред македонскиот народ во целина – се вели во соопштението, потпишано од претседателот на Македонско друштво „Илинден“ во Тирана, Никола Ѓурѓај, и претседателот на Македонско друштво „Илинден“ – разгранок за Голо Брдо, Ули Халилај.

В.М.