Македонија Македонија доби нов грант од 4 милиони евра за ХИВ/СИДА, туберкулоза и...

Македонија доби нов грант од 4 милиони евра за ХИВ/СИДА, туберкулоза и за маларија

Министерството за здравство го доби вториот дел од грантот од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и за маларија, во вредност од 4 милиони евра, кој ќе почне да се реализира во периодот 2015/2016 година, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство, Никола Тодоров.

Втората фаза од 4 милиони евра е дел од грантот за периодот 2012–2016 година, во износ од вкупно 10 милиони евра, од кои 6 милиони евра беа за првата фаза 2012 – 2014 година.

Финансиите од вториот дел од грантот, појасни министерот, се наменети за Министерството за здравство, за граѓанските здруженија, меѓу кои: ХОПС, ХЕРА, ЕГАЛ, Црвен крст–Скопје, како и за Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Психијатриската болница – Скопје.

– Од инвестициите кои се реализирани со овие средства, а со кои значително придонесовме кон унапредување на грижата и на третманот на ранливите категории, како што се лица со хепатит Ц или лица со ХИВ/СИДА, а воедно ги унапредивме условите за навремена дијагноза и ран третман, со што сериозно се намалува можноста за понатамошно пренесување на ХИВ – истакна Тодоров.

Министерот информираше дека од најновиот грант од Глобален фонд, Министерството набавило систем за генотипизација и за детекција на ХИВ – десеквенционер на ХИВ, кој ќе биде сместен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.