Македонија Лавров најави доаѓање во Скопје ако Бугарија го отвори воздушниот простор за...

Лавров најави доаѓање во Скопје ако Бугарија го отвори воздушниот простор за руски авиони

Очигледно Бугарија ѝ ветила на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор. Ако тоа се случи, тогаш ќе бидеме таму, рече Лавров

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров | Фото: Министерство за надворешни работи на Руската Федерација, mid.ru, 22.07.2022 г.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека ќе учествува на Министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје, доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор за руската делегација, но и дека некои западни земји побарале да се сретнат со него, објави Ројтерс.

Лавров рече дека Северна Македонија го поканила да присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи во организација на ОБСЕ што ќе се одржи од 30 ноември до 1 декември.

„Очигледно Бугарија ѝ ветила на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор. Ако тоа се случи, тогаш ќе бидеме таму. Ајде да видиме“, рече Лавров на конференција во Москва.

Рускиот министер за надворешни работи не прецизираше кој побарал средби, но рече дека „веќе има неколку барања за состаноци – вклучително и од западни претставници“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи претходно рече дека очекува дел од самитот да бидат американскиот државен секретар Ентони Блинкен, како и министрите за надворешни работи на Велика Британија, Канада, земјите од ЕУ, членките на НАТО, како и Украина.

Откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна агресијата врз Украина во февруари минатата година, Западот се обиде да ја изолира Русија, а средбите „лице в лице“ меѓу високите министри беа ретки.

Бугарија го затвори својот воздушен простор за руските авиони како дел од воведените санкции на ЕУ како одговор на руската агресија врз Украина.

Ист чекор презеде и Северна Македонија, но во пресрет на Министерскиот самит на ОБСЕ, македонската влада одлучи да им пренесе овластување на надлежните министерства сами да одлучат за издавањето на одобрение за прелет и слетување на руски воздухоплов за време на самитот од 29 ноември до 1 декември.