Македонија „Излези за воздух“: Надлежните не презедоа мерки, ќе следува граѓански одговор

„Излези за воздух“: Надлежните не презедоа мерки, ќе следува граѓански одговор

Според здружените иницијативи „Излези за воздух“, Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и општините не презеле ниту една од краткорочните мерки за намалување на концентрациите на канцерогените честички ПМ10 и ПМ2,5, кои беа ултимативно побарани на протестот на 28 декември минатата година.

„Сметаме дека надлежните, пред сè, Владата на РМ, МЖСПП и општините ја игнорираат оваа елементарна непогода и со тоа директно ги загрозуваат здравјето и животот на граѓаните. Поради ваквото нивно скандалозно, незаконско и неетично однесување, 2015 година ќе остане запаметена по рекордното и незаконско аерозагадување“, велат од „Излези за воздух“.

Од невладините организации велат дека поради непреземањето мерки за справување со аерозагадувањто, ќе следува соодветен граѓански одговор.

„За да ги спречиме институциите и понатаму да си поигруваат со нашето здравје и за да се избориме за уставното право за чист воздух и за здрава животна средина, наскоро ќе почнеме со најавени и ненајавени граѓански акции. Роковите што заедно со граѓаните им ги дадовме на институциите се прекршени и поради тоа ќе следува соодветен граѓански одговор“, додаваат од „Излези за воздух“.