Македонија Иванов и Бутарис разговаа за развој на проектот Вардар – Морава –...

Иванов и Бутарис разговаа за развој на проектот Вардар – Морава – Дунав

И покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу македонското и грчкото општество е на завидно ниво, но потребно е нејзино понатамошно унапредување, оцени претседателот Ѓорге Иванов на средбата со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.

– Република Македонија е подготвена за понатамошно зајакнување на соработката во сите сфери од заемен интерес, кои ќе придонесат за нашата заедничка визија за регионална стабилност и просперитет, како и за заедничка сегашност и иднина во големото европско и евроатлантско семејство – рече претседателот Иванов на средбата.

Претседателот ги поздравил интензивирањето на дијалогот, напорите на двете земји за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба и внесувањето нови содржини во билатералната соработка.

Според Иванов, од особено значење е понатамошното продлабочување на економската соработка, усогласувањето и унапредувањето на правната рамка во интерес на бизнис-заедниците од двете земји, како и потребата за понатамошно инфраструктурно поврзување, преку ревитализација на железничката мрежа и отворање на нови гранични премини. Двајцата соговорници разменија мислења околу можностите за развој на проектот Вардар – Морава – Дунав, што ќе придонесе за отворање на нови можности за економиите, нови инвестиции и работни места.