Свет Европа Италијанските области Венето и Ломбардија гласаа за поголема автономија

Италијанските области Венето и Ломбардија гласаа за поголема автономија

Богатите италијански области Венето и Ломбардија вчера на референдум гласаа за поголема автономија, со што се отвора пат регионалните власти да почнат преговори со централните власти на Италија.

Според официјалните резултати, околу 95 отсто од гласачите се изјасниле за поголема автономија во Ломбардија, а околу 98 отсто во Венето. Одѕивот на гласачите изнесува околу 40 отсто во Ломбардија и 57 отсто во Венето.

Иако двата референдуми не се обврзувачки, јасната победа на опцијата за автономија ќе им даде на лидерите на Ломбардија и на Венето подобра позиција во преговорите со Рим за поголем удел од даночните приходи и за поголеми овластувања на областите, како што се безбедноста, имиграцијата, образованието и заштитата на животната средина.
За разлика од референдумот за независност на Каталонија од Шпанија, гласачите во Ломбардија и во Венето не одлучуваа за отцепување на своите области и одржувањето на двата референдуми беше одобрено од италијанскиот Уставен суд.

Ломбардија и Венето се два од 20-те региони на Италија. Ломбардија е една од најзначајните области во Италија со учество во националниот доход, додека главниот град Милано е економски центар на Италија, но и во Европа.
Венето е исто така богата област, а неговиот главен град, Венеција е еден од најпосетуваните градови во светот со повеќе од 60 милиони туристи годишно.