Македонија Истрага против пазарен инспектор осомничен за примање поткуп

Истрага против пазарен инспектор осомничен за примање поткуп

Во еден од случаите, при инспекциски надзор во јуни, лицето констатирало дека правен субјект нема регистрирано занаетчиска дејност, но за да не го констатира прекршокот од сопственикот на субјектот побарал и примил 100 евра

Фото: Мета.мк

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица отворило истражна постапка против едно лице од Струмица за кое постои сомнеж дека примил мито.

Струмичанецот бил вработен во Државниот пазарен инспекторат како помлад пазарен инспектор и во два наврата директно побарал и примил парични средства од лица од Радовиш за да не изврши службени дејствија што морал да ги спроведе, информираа од Јавното обвинителство.

Во првиот случај, при инспекциски надзор на 13 јуни, лицето констатирало дека правен субјект нема регистрирано занаетчиска дејност, но за да не го констатира прекршокот од сопственикот на субјектот побарал и примил 100 евра.

Потоа, на 17 ноември, во деловен простор затекнал две лица кои вршеле берберска дејност без да бидат запишани во занаетчискиот регистар и од нив исто така побарал 100 евра за да не го констатира прекршокот на записник. Берберите во моментот немале толку пари кај себе, по што инспекторот уште два пати се вратил во дуќанот и од нив примил по 3.000 денари.

По предлог на јавениот обвинител, судија на претходна постапка од струмичкиот суд му определил на службеното лице мерка притвор во траење од 30 дена.