Македонија Грчките медиуми го испофалија Иванов за изјавата за СИРИЗА

Грчките медиуми го испофалија Иванов за изјавата за СИРИЗА

Изјавата на претседателот Ѓорге Иванов дека спорот за името влегува во нова поинаква фаза и нешто се менува со новата грчка влада, предизвикаа интерес во Грција.

Според дел од грчките медиуми, Иванов со оваа изјава ја велича и испраќа пофалби кон владата на Алексис Ципрас.

„Претседателот на БЈРМ ја фали владата на СИРИЗА“, „Иванов ја велича СИРИЗА“ се само дел од насловите во грчките медиуми, кои само технички ја пренесуваат веста и изјавата на претседателот Иванов, индиректно алудирајќи дека нашата држава ја фаворизира оваа влада за разлика од другите, со надеж дека ќе има поотворен став за решавање на спорот за името.

Нападите кон СИРИЗА за поголема отвореност и за помеки ставови кон спорот за името не се нешто ново во Грција.

Нова демократија, додека беше на власт, отворено ги користеше за да се обиде да ѝ го намали рејтингот на партијата. Меѓутоа, СИРИЗА повеќепати има изјавено дека останува на договорените црвени линии со кои се согласуваат мнозинството од грчките политички партии, односно сложено име со географска одредница за севкупна употреба. Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, пред неколку недели најави мерки за градење доверба, кои, според него, главно, ќе се борат со сузбивање на иредентистичките тенденции на македонската влада, кои Коѕиас ги оцени како поголем проблем од самиот проблем за името.