Македонија Евангелско-протестантска иницијатива бара 31 октомври, Денот на реформацијата, да стане празник на...

Евангелско-протестантска иницијатива бара 31 октомври, Денот на реформацијата, да стане празник на протестантите

Евангелско-протестантска иницијатива (ЕПИ), која обединува 11 евангелско-протестантски цркви ќе побара 31 октомври, Денот на реформацијата, да биде прогласен за празник на евангелско – протестантските христијани во земјава.

„Тргнувајќи од фактот дека евангелско-протестантските христијани повеќе од 150 години се дел од религиозната историја и култура на Македонија и од мултикултурното општество, ние евангелско-протестантските цркви во Македонија, собрани во Евангелско-протестантска иницијатива (ЕПИ), сметаме дека е правично да се побара 31 октомври – денот на реформацијата – денот кој се смета за почетокот на протестантската реформација, 31 октомври 1517 година, да биде прогласен за празник на евангелско – протестантските христијани. Овој празник, 31 октомври – Денот на Реформацијата е државен празник во Германија, Словенија, Словачка“, се вели во соопштението од ЕПИ.

Според иницијаторите, прогласувањето на овој празник „ќе биде потврда на улогата и заложбата на евангелско-протестантските цркви за развојот на македонското општество, но и вистинската мултирелигиозност на нашето општество“.

ЕПИ е организација во која се вклучени 11 регистрирани цркви: Евангелска црква во Република Македонија; Евангелско-конгрешанска црква; Евангелско-методистичка црква во Македонија; Евангелско-протестантска црква „Гласност 3; Слободна евангелска црква „Добра вест“; Христијанска баптистичка црква „Радосна вест“; Христијанска заедница „Тринитас“; Христијански центар во Република Македонија; Христијанска црква „Божји глас“; Христијанска црква „Оаза“ во РМ; Христијанска црква „Слово на надеж“.