Дописници Ешерихија коли во водата од струшкиот водовод

Ешерихија коли во водата од струшкиот водовод

Во водата од струшкиот градски водовод, има зголемено присуство на хлор и на бактерии, покажале анализите на Регионалниот центар за јавно здравје од Охрид.

Пронајдена е бактерија ешерихија коли и други колиформни бактерии, поради што Дирекцијата за храна, како надлежна институција, донесе забрана за употреба на водата за пиење.

Од Дирекцијата за храна потврдуваат дека е изречена забрана за користење на водата за пиење само во Калишта и дека било побарано од градските власти да издадат предупредување до граѓаните за тоа. Засега не се прецизира дали вакви проблеми има во водоснабдителниот систем во целата општина.

Граѓаните на Струга се затекнати и велат дека нив никој не ги известил оти има проблеми со водата за пиење, за што се информирале од социјалните мрежи, каде можат да се забележат предупредувања од жители на Струга кои споделуваат информации дека повеќе лица изминатите денови се пожалиле на стомачни проблеми.

Надлежните во Водовод од Струга за „Охрид њуз“, го потврдија случајот. Одговорното лице Аднан Речи изјави дека анализата направена на мостри од градскиот водовод во Струга пред два дена покажала бактериолошка неисправност и дека тоа се должи на недостиг од хлор, без притоа да посочи колкав период состојбата била таква.

Речи вели дека веднаш реагирале и ги набавиле потребните хемиски средства, по што вчера било извршено прочистување на градскиот водовод. Тој тврди дека состојбата сега е нормализирана и дека водата од градскиот водовод во Струга е исправна за пиење.