Македонија Донирајте на пожарникарите доброволци во Св. Николе

Донирајте на пожарникарите доброволци во Св. Николе

Доброволното противпожарно друштво Св. Николе започна онлајн кампања за да собере средства за нова гаража каде би ги чувале своите ПП возила, за да тие бидат подобро заштитени и побезбедни

Фото: Фејсбук профил на градоначалникот на Свети Николе

„Сложна заедница, гаража гради“, вели Доброволното противпожарно друштво – Св. Николе (ДПД). Тоа започна онлајн кампања за да собере средства за нова гаража каде би можеле да се чуваат своите ПП возила, за да тие бидат подобро заштитени и побезбедни.

Може да донирате на ДПД – Св. Николе на следниот линк.

„Седумдесет години старата гаража не нуди услови за заштита и безбедност на нашите ПП возила. Нова гаража е предуслов и за нови возила, а тие пак, помош при заштита на нашите имоти и животи“, велат од ДПД – Св. Николе во апелот за донации.

ДПД – Св. Николе е организација со долга традиција. Се формирало дури во 1935 година, по низа голема пожари во околината. Од тогаш тие брзо и организирано реагираат на пожарите во регионот. Друштвото особено беше клучно во гаснењето на пожарите кои ја зафатија државата во изминатиот период.

Досега се собрани 35.000 денари од потребни 1.236.000 денари за целосна реализација на проектот. Доколку не се соберат сите пари, од ДПД – Св. Николе велат дека ќе ги искористат собраните средства за набавка на шлемови и опрема за репарирање на возилата, за изградба на покрив на постоечкото место предвидено за гаража и за изнајмување простор што ќе служи како привремена гаража.

Веб-сајтот на кој се приложуваат донациите, ОпОп, е специјализирана филантропска организација, наменета за донации за непрофитни организации. Граѓански организации, фондации, невладини организации и други слични организации може да се пријават за да соберат средства за своите проекти. ОпОп е под крилото на Конект, организација која од 2008 година работи на поддржување на граѓанските организации.