Македонија Диме Спасов направил сообраќајка и избегал од местото додека траел увидот?

Диме Спасов направил сообраќајка и избегал од местото додека траел увидот?

Дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, ноќеска направил сообраќајка, пишуваат медиумите.

Според пишувањата, сообраќајната незгода се случила во населбата Тафталиџе, а Спасов избегал од местото на настанот додека траел увидот.

Спасов со џип, што според првичните сознанија е сопственост на Агенцијата за вработување, околу полноќ удрил две паркирани возила. Додека екипата земала изјави од сведоците, во близина дошло друго возило, Спасов ги напуштил полицајците и си заминал со тоа возило.

На пишувањата на медиумите реагираа од неговиот кабинет од Министерството за труд и социјала и најавија тужби за медиумите што објавиле за сообраќајната незгода.

„Во врска со одредени наслови и текстови на портали кои денеска беа објавени, за наводна ‘тешка сообраќајна незгода со последици’, должни сме да реагираме бидејќи истите се базираат на невистини, шпекулации и груби дезинформации кои очигледно се смислени за да наштетат на угледот на дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика. Опозициските портали дрско и непоткрепено манипулираа дека се случила тешка сообраќајна несреќа со настанати штети, што е целосна невистина. За овој типичен пример на организиран и координиран напад поттикнат од политички цели против дополнителниот заменик-министер, во наредните денови не е исклучено и поведување постапки пред надлежните судови за докажување на вистината“, пишува во реакцијата од кабинетот на Спасов.