Галерија Ден по протестот: Воинот поцрвени, Самоил ослепи, графитите се намножија

Ден по протестот: Воинот поцрвени, Самоил ослепи, графитите се намножија

Крваво црвена стана водата во фонтаната „Воин на коњ“ на плоштадoт Македонија откако утринава таму била истурена темноцрвена боја.

Вчера, пак, демонстрантите во водата истурија прашок за перење, по што во фонтаната се направи големо количество сапуница.

Активистите велат дека со таа герила-акција сакале да предупредат дека ниту аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов нема да го испере криминалот што го направила власта.

На Порта „Македонија“ како сведок на вчерашниот протест сè уште стојат испишани графитите: „Слобода наместо страв“, „Ова кошта 208 Тамари“, „Фашисти“, „Слобода“, „Апаши“, „Никад више ВМРО“, „Оставка“, „Ружна ви е портата“, „Хорхе оди си“.

На споменикот на цар Самоил беше испишана пораката „Го ослепевте народот“.

Денеска забрзано се бојадисува и зградата на Министерството за култура, која вчера демонстрантите ја гаѓаа со боја за да го искажат револтот од, како што рекоа, криминалниот проект „Скопје 2014“.

Пред Владата, каде што вчера заврши протестот, сè уште стојат графитите „Полиција насекаде, правда никаде“, „Спас им нема“ и „Но пасаран“.