Македонија Утре ќе се протестира без скандирање и во црно-бела облека

Утре ќе се протестира без скандирање и во црно-бела облека

Утре, од 18 часот, пред Владата на Македонија, учесниците на протестите, облечени во црна и во бела облека, со запалени свеќи и со цвеќиња, ќе им оддадат почит на загинатите припадници на полицијата во Куманово.

На мирниот протест ќе нема скандирања, ниту исвиркувања.

Ова е една од идеите за која се согласија демонстрантите на координативниот состанок, што се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Втората идеја за која се согласија повеќето учесници на денешниот состанок, а се однесува за протестите кои ќе се одржуваат во иднина, е нивното мото. А тоа е барање оставка и одговорност од Владата за сите случувања, меѓу кои и тоа што се случуваше во Куманово.

Учесниците се договорија да го сменат мотото на протестит „Стоп за полициска бруталност“, а во иднина ќе се разгледуваат повеќе предлози. Еден од предлозите беше „За мир и слобода“.

Како една од идеите за искажување револт за сето тоа што се случи во изминативе два дена е да се организира протестен марш до Куманово, каде што ќе им се оддаде почит на загинатите, но и ќе им се изрази сочувство на жителите на Куманово.

Тие се согласија дека не смеат да запрат со протестите, но дека тие треба да бидат мирни.