Македонија ЦИВИЛ: Неприфатлива е политичката злоупотреба на работничките права

ЦИВИЛ: Неприфатлива е политичката злоупотреба на работничките права

фото: ЦИВИЛ - Центар за слобода

Овој ден е посветен на работничкиот протест и на гласните барања да се подобрат условите за работа и почитувањето на достоинството и правата на работничките и работниците, порача ЦИВИЛ – Центарот за слобода, во соопштението по повод Денот на работниците.

Од таму велат дека синдикатите, граѓанските организации и политичките партии имаат обврска да покажат далеку повеќе искреност и посветеност во борбата за социјална правда и работнички права.

„Од исклучителна важност за правата на работничките и работниците се синдикатите кои ги застапуваат работничките права. Во контекст на состојбите и настаните во нашата земја, ЦИВИЛ ја алармира јавноста, а особено работничките и работниците за политичката злоупотреба на работничките права. Неприфатлива е спрегата во која дел од синдикатите и синдикалните лидери се ставени во функција на политичките амбиции на партиите и нивните лидери“, велат од ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ ги повика политичките партии, Владата и Собранието да работат на дополнително менување на законите во полза на работничките права и нивно доследно спроведување. Додаваат дека кризите не смеат да бидат изговор за намалување на правата, туку нивно унапредување на сметка на дебелите профити на капиталистите.

„Голем дел од работничките и работниците во Северна Македонија живеат и работат во тешки услови, неретко без основни средства за заштита при работа, а се чести жртви на мобинг на работното место. Жените работнички и самохраните мајки се во уште потешка положба“, велат од ЦИВИЛ.

Политиките и практиките за подобрување на состојбите во доменот на социјалната правда треба да продолжат и да се засилат и во таа насока сите чинители во општеството се повикани на солидарност и соработка, а не на политички опструкции.

„Потребно е вклучување на целото општество: охрабрување на жртвите на кршењето на работничките права да го пријават секој случај на кршење на работничките и човековите права; синдикатите да се реформираат и целосно да се насочат кон вистинска заштита на работничките права; граѓанското општество и медиумите имаат важна улога во заштитата на човековите, а со тоа и на работничките права“, додаваат од ЦИВИЛ.