Македонија Царината заплени 18.000 евра од патници при обид за нелегален пренос

Царината заплени 18.000 евра од патници при обид за нелегален пренос

Во три различни случаи, царинските службеници при контрола на патници откриле поголеми износи на девизи, коишто спротивно на закон, патниците сакале да ги пренесат без да ги пријават

Извор на фотографија: Царинска управа на РСМ

Царинската управа на РСМ соопшти дека е спречен нелегален изнес и внес на девизи во државата во износ од 18.000 евра, откако во три различни случаи, царинските службеници при контрола на патници откриле поголеми износи на девизи, коишто спротивно на закон, патниците сакале да ги пренесат без да ги пријават.

„Во два случаи станува збор за странски државјани кои на излез и на влез во државата на прашање од царински службеници не пријавиле ништо за царинска контрола“, стои во соопштението на Царината.

Притоа, на влез во државата на граничен премин Богородица, кај грчки државјанин биле пронајдени 14.000 евра, при што согласно Законот за девизно работење вратени му се 10.000 евра, а останатите 4.000 евра се задржани. На граничниот премин Меџитлија пак, при претрес на српски државјанин кој патувал за Грција во внатрешниот џеб од јакната што ја носел на себе, му биле пронајдени непријавени приближно 16.000 евра. Согласно закон на патникот му се вратени 10.000 евра што странски државјани можат да ги изнесат од државата без да ги пријават, а останатите се задржани.

Спречено е и нелегално изнесување на девизи кај македонски државјанин на излез од државата на царинска испостава Меѓународен Аеродром Скопје. Патникот во џебот носел 9.900 евра кои не ги пријавил и за нив не поседувал документација за потекло, при што од страна на царинските службеници согласно закон му се вратени 2.000 евра – износ којшто македонски државјани може да го изнесуваат, а останатите му се одземени.