Дописници Битолчани жедни покрај вода

Битолчани жедни покрај вода

Битола во вечерните часови, сепак, остана без вода за пиење. Од славините во горниот дел на градот, па сè до центарот вода тече капка по капка поради дефектот во хидросистемот „Стрежево“ и свлечиштето покрај неколкуте главни доводи за вода.

Битолчани утринава беа во паника, поради што потрошувачката на вода веќе е зголемена. Нивната загриженост, сепак, се покажа оправдана поради недостигот од вода.

Од Јавното претпријатие „Водовод“ денеска уверуваа дека Битола се снабдува преку резервите за вода и оти нема место за паника.

Главниот проблем со водоснабдувањето на ЈП „Стрежево“ се провлекува неколку месеци, по поплавите во февруари, кога поради свлечишта беше уништен дел од системот. Последната недела, први за недостиг на вода алармираа земјоделците од Пелагонија. Критично е снабдувањето на градот и на РЕК Битола со технолошка вода.