Македонија Верските училишта на ИВЗ ќе влезат во образовниот систем?

Верските училишта на ИВЗ ќе влезат во образовниот систем?

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, денеска оствари работна средба со поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис ул улема хаџи ефенди Сулејман Реџепи, на која беше разговарано за можноста верските образовни институции да бидат дел од образовниот систем.

– Речиси во сите земји од регионот, верските училишта се во рамките на образовниот систем, затоа што тие се битни за општеството и за државата. Токму тоа е целта – овие училишта да бидат дел од образовниот систем на Република Македонија, а тоа значи да бидат запишани во регистарот на училишта. Тие во моментов не се запишани во регистарот и учениците таму не полагаат државна матура, а со неполагање матурата, тие се ограничени да се запишат на факултет. Овие проблеми сакаме да ги надминеме заеднички со верските заедници – изјави министерот Адеми, напоменувајќи дека прашањето можеби ќе се регулира со посебен закон или со измена на Законот за средно образование.
Поглаварот Реџепи истакна дека Исламската верска заедница секогаш инсистираа идниот кадар да не биде однадвор туку од тука – и средношколците и тие со факултетско образование, па дури и со постдипломски студии.
– Тогаш ќе нема шанса на оваа почва да се пренесува нешто страно и надвор од Македонија -рече поглаварот на ИВЗ.