Македонија Употреба на нови ИТ за развој на образованието

Употреба на нови ИТ за развој на образованието

Македонски ученици во основно и во средно образование ќе развиваат вештини за претприемништво со користење нови алатки на ИТ-компанијата „Мајкросфт“. Наученото треба да им помогне да почнат свој бизнис или, пак, како многу поквалитетен кадар да се вклучат во приватниот и во државниот сектор.

Тоа е една од можностите предвидени со Меморандумот за соработка што го потпишаа денеска министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, и генералната директорка на „Мајкрософт“ за Централна и за Источна Европа, Адриана Боерсиа.

– Меморандумот нуди сеопфатна заедничка јавно-приватно програма за образовна надоградба, чии стратегиски цели се развој на учењето, поттикнување идни иновации и развој на вештини и на квалификации од 21 век. Преку овој документ ќе соработуваме и ќе се фокусираме на креирање иновативни училишта „Мајкрософт“ и иновативни наставници, развој на ИТ-академија, програми за сертификација и многу други активности од заеднички интерес – рече министерот Ивановски.

Поради потребата да се подобрат пристапот и користењето на информатичката и комуникациската технологија во основното и во средното образование, најави тој, ќе се залагаат да се подобри пристапот и употребата на ИКТ за поддршка на наставата и на учењето.

– Наша заедничка заложба е да ги поттикнеме младите луѓе да имаат повеќе можности за образование, вработување и за претприемништво. Нашето партнерство е посветено да им помогне на младите луѓе да ги искористат можностите преку програмите на „Мајкрософт“, за да научат вештини, да се подготват за идните работни места, како и да почнат сопствен бизнис – наведе Ивановски.

Ќе следат обуки во кои ќе бидат вклучени ограничен број наставници и ученици, кои ќе се пријават и ќе треба да исполнуваат услови.

– По обуките треба да станат едукатори и да влијаат за развојот на образовниот систем. Не се работи за опфат на сите, туку на определна група ученици и наставници, имајќи предвид дека некои сè повеќе и повеќе ја користат опремата и напрeдуваат, а некои не избраа да ја користат опремата, а од тоа трпи и самата настава во нивното образование – појасни Ивановски.

Според Адриана Боерсиа, генерална директорка на „Мајкрософт“ за Источна и за Централна Европа, целта на меморандумот е да ги трансформира учењето и образованието, да донесат нови иновации и да развијат повисоки вештини преку обуката на наставниците и на лидерите во образованието и во наставата.

Информатичката технологија, истакнува Боерсиа, може да игра клучна улога во трансформацијата на образованието и да промовира доживотно учење.

– За да се случи ова, на наставниците им е потребен пристап до наставни програми што се засноваат на ИКТ. На тој начин тие ќе овозможат побогат и поперсонализиран пристап до учењето и во искуствата на нивните ученици. Исто така, им е потребна напредна софтверска инфраструктура за да се подобри и нивната ефикасност и продуктивност – наведе Боерсиа.