Македонија Традиционален, заеднички Божиќен ручек на деца од различна вероисповед

Традиционален, заеднички Божиќен ручек на деца од различна вероисповед

Фото: https://www.facebook.com/DetskaAmbasadaZaSiteDecaVoSveto

Во организација на Детската амбасада за сите деца во светот во Прилеп, традиционално по 17 пат на Божиќ, се одржа заедничкиот Божиќен ручек на деца од цела држава. Под мотото „Едно небо за сите деца“, околу 500 деца од различна вероисповед и националност седнаа заедно на Божиќен ручек, да го прослават Христовото раѓање и ги упатија своите пораки за мир, благосостојба, радост и безгрижно детство.

Александра Северкоски, извршен директор на Детската амбасада за сите деца во светот нагласи дека најбитна е детската радост и посака да ја има повеќе во 2023 година.

„Освен децата, членови на здружението, на божиќниот ручек имаше и деца од Тетово, од Скопје, од Штип, Струмица, од Охрид, Битола. Децата се среќни, а и ние како организатори што оваа традиција продолжува, со надеж дека оваа година ќе ни биде посреќна, а лошите мисли ги оставивме зад нас. Целта што сакаме да ја постигнеме е мотото на здружението „Едно небо за сите деца“ и пораките децата да се почитуваат меѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите да придонесуваме кон градење на нашето општество“, рече Северкоски.

Ручекот во прилепскиот хотел „Кристал Палас” го благослови митрополитот Петар кој е и покровител, а како домаќин децата ги поздрави градоначалникот Борче Јовчески, кој им обезбеди и по едно новогодишно пакетче.