Економија „Томас Кук“ ќе организира чартер-летови од Белгија, од јули 2016 година

„Томас Кук“ ќе организира чартер-летови од Белгија, од јули 2016 година

Групацијата „Томас Кук“ од наредната година ќе почне да организира чартер-летови на релација Белгија – Охрид.

Работата на еден од најголемите и најстарите тур-оператори ја најави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

– Потпишувањето на овие договори ќе придонесе да се подобри странскиот организиран туристички промет во државата. Директни добивки ќе имаат сместувачките капацитети, а со приливот на средства од странските туристи, дополнително ќе се раздвижи локалната економија, но и економијата на државно ниво – изјави Пешевски.

Во првата половина на 2015 година, повеќе од 206.000 странски туристи ја посетија Македонија, што е за 11,6 проценти повеќе во однос на истиот период лани. Во овој период од годината, бројот на туристи од Белгија се зголеми за 42 проценти во однос на истиот период лани.

Групацијата „Томас Кук“ на пазарот постои од 1841 година, опслужила 22 милиони кленти, а вкупната продажба на нивните аранжмани надминува 9 милијарди фунти.