Македонија Промовирани „паметни билети“ во ЈСП

Промовирани „паметни билети“ во ЈСП

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие -Скопје, Игор Јанушев, денеска присуствуваа на инсталирањето на системот за автоматска локација и на електронскиот систем за наплата во автобусите на ЈСП- Скопје, во автобазата на ЈСП во Автокоманда.

– Со воведувањето на системот за автоматска локација на возилата и за електронска наплата, за кој ЈСП распиша тендер и избра фирма за негова реализација, Градот Скопје и неговите граѓани ќе добијат побрз и поквалитетен градски превоз. Овој систем овозможува од контролен центар да се следат автобусите во реално време, дали се запазуваат пропишаните возни редови, како и можност на благовремени корекции и намалување на времето на чекање во согласност со моменталните случувања во сообраќајот на градските улици и добивање реална слика за бројот на превезените патници по категории – истакана градоначалникот Трајановски.

Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, Игор Јанушев, истакна дека со инсталирањето на овој систем на граѓаните ќе им се понуди побрз, поквалитетен и побезбеден превоз. Исто така, го најави воведувањето на три типа билети, односно електронска картичка, којашто граѓаните ќе може да ја користат и во приватните и во автобусите на ЈСП, персонализиран билет, кој ќе биде со фотографија и со лични податоци и третиот тип на билети – службени легитимации. Јанушев најави дека системот пробно ќе се пушти во текот на месеците јули и август.