Македонија Промоција на мото-туризмот во Македонија

Промоција на мото-туризмот во Македонија

Претставници на магазинот „Мотоциклизмо“ (Motociclismo), едно од најстарите списанија за мотоциклизам, се на промотивно патување во Македонија.

Директорот на магазинот, Федерико Аливерти, ја предводеше групата од 12 моторџии кои сметаат дека Македонија е погодна и атрактивна дестинација за мото-туризмот.

„Мотоциклизмо“ сними видеозапис за промотивни цели што ќе се прикажува на нивниот веб-канал, како и во текот на Меѓународен саем за мотоциклизам во Милано (EICMA), на кој присуствуваат повеќе од 600.000 посетители годишно.

– Македонија ќе има доминантно место со конкурентна мото-тура која очекуваме успешно да се пласира во Италија, имајќи предвид дека италијанските туристички агенции се подготвени да ја вклучат во своите каталози – велат организаторите на ова патување, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Воедно ќе биде препорачана програма за мото-тура во Македонија што ги опфаќа Скопје, Маврово, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Берово, Кратово и Куманово.

„Мотоциклизмо“ е водечко списание за мотоциклизам во Италија, со месечен тираж од 160.000 примероци. Нивната веб-страница има повеќе од еден милион посетители месечно, фејсбук-страница со 270.000 следбеници, а на нивниот канал на „Јутјуб“ гостуваат познати личности, меѓу кои и шампионот во мотоциклизам Валентино Роси.