Култура Повеќе од 100 кандидати за гитарската работилница со Влатко Стефановски

Повеќе од 100 кандидати за гитарската работилница со Влатко Стефановски

Повеќе од 100 кандидати се пријавени за учество на гитарската работилница со Влатко Стефановски која, со поддршка на Министерството за култура, ќе се одржи од 24 до 26 јуни во Спомен-домот на Тоше Проески во Крушево.

Младите музичари ќе имаат можност три дена да работат со својот ментор, а резултатите од нивната заедничка работа ќе бидат презентирани на завршниот концерт, што ќе се одржи на платото пред Спомен-домот каде младите гитаристи ќе настапат заедно со Влатко Стефановски.

Почнувајќи од оваа година, секое лето во Крушево, во Спомен-домот на Тоше Проески, ќе се реализираат музички работилници за различни инструменти преку кои младите талентирани музичари ќе имаат можност да стекнат непроценливи искуства и знаења од македонските најреномирани уметници и ѕвезди.