Македонија Обвинителството ѝ ги испрати на Јанева статистичките податоци за „бомбите“

Обвинителството ѝ ги испрати на Јанева статистичките податоци за „бомбите“

Јавното обвинителство попладнево соопшти дека до специјалната обвинителка, Катица Јанева, го доставило деталниот статистички преглед, како и податоците од отворените предмети за случаите што произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори, а кои Јанева ги побара минатата недела.

Во соопштението на Обвинителството детално се наведени бројот на предметите, лицата против кои е покрената постапка, видот на кривичните дела за кои се води истрага, лицата што биле сослушани и дале исказ пред надлежните обвинителства, побарани информации, докази, вештачења и други детали.

Како што инфoрмираат оттаму, станува збор за вкупно 35 предмети за кои надлежните обвинителства почнале истрага.

Според Обвинителството, во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција биле оформени три предмети, во Основното јавно обвинителство Скопје истрага била покрената за 30 предмети, а по еден предмет почнале да работат и Основните јавни обвинителства во Битола и во Куманово.

Во дел од соопштението на Обвинителството, исто така, е наведено дека во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција биле заведени и била отворена постапка по предмети што не произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, односно од „бомбите“ на опозицијата, но биле споменати во медиумите, поради што на Специјалното јавно обвинителство му биле доставени и овие материјали.