Економија НБРМ: Банкарскиот систем стабилен и профитабилен

НБРМ: Банкарскиот систем стабилен и профитабилен

Во првиот квартал дојде до значително подобрување на показателите преку кои се следи банкарскиот систем, меѓу другото и како резултат на стабилизацијата на очекувањата во домашното опкружување, велат од Народна банка.

„Вкупната актива на банкарскиот систем забележа пораст од 3,9 милиона денари или 0,9 проценти. Овој раст се должеше на поголемата склоност на банките за кредитирање на домаќинствата, во споредба со корпоративното кредитирање кое што се намали што освен на сезонските фактори се должеше и на еднократната наплата на побарувања. Во април и мај 2018 година, стапката на раст на корпоративните кредити повторно беше позитивна. На годишна основа, заклучно со првиот квартал, растот на кредитите кон домаќинствата е многу посолиден од тој кон корпоративниот сектор, односно 9,8 проценти и 2,6 проценти соодветно, вредности што го следат трендот од претходните години“, велат од Народна банка.

Од таму додаваат дека историски најниската и непроменета стапка на нефункционални кредити на домаќинствата од 2,4 проценти меѓу другото се должи и на солидниот раст на кредитите кон овој сектор.

„Профитабилноста во првиот квартал беше висока. Стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа историски највисоки нивоа, од 3,1 проценти и 28 проценти, но треба да се напомене дека еднократна наплата на побарувања од страна на повеќе банки е главната причина за овој резултат. Со изолирање на овој ефект, кој што имаше најголемо влијание врз добивката во првиот квартал од 2018 година, профитабилноста на банкарскиот систем би била вообичаена и би се задржала речиси на исто ниво како во првиот квартал од 2017 година“, се додава во соопштението.