Економија Народна банка домаќин на семинар за справување со нефункционалните кредити

Народна банка домаќин на семинар за справување со нефункционалните кредити

Народната банка е домаќин на семинар организиран од страна на Европскиот банкарски орган и  Европската банка за обнова и развој на тема: „Справување со нефункционалните кредити во ЕУ: регулаторни и супервизорски активности“.

Имајќи го предвид негативното влијание кое што го имаат нефункционалните кредити врз работењето на банките во меѓународни рамки, на семинарот ќе бидат презентирани најзначајните активности преземени во рамките на ЕУ за решавање на нефункционалните кредити.

„Покрај ова, на семинарот ќе бидат презентирани и искуствата на неколку земји од регионот во решавањето на нефункционалните кредити. Преку размената на искуствата и согледувањата стекнати во процесот на решавање на нефункционалните кредити, ќе се овозможи натамошно зајакнување на овој процес во одделните земји, но и усогласен пристап во идните активности коишто треба да се преземат заради натамошно справување со проблемите предизвикани од поголемото присуство на нефункционални кредити“, се вели во соопштението на Народна банка.

На почетокот на семинарот, воведно обраќање имаше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска, која посочи на тоа дека и по десет години од почетокот на глобалната криза, проблемот на нефункционалните кредити се уште има големо значење во глобални рамки.

Таа потенцираше дека правилното справување со овој проблем и развивањето на механизми за превенција се исклучително важни за непречено функционирање и раст на активноста на банките.

Меѓудругото, таа се осврна и на македонското искуство, потенцирајќи го релативно пониското ниво на нефункционални пласмани во однос на регионот.

На семинарот ќе присуствуваат претставници на регулаторните и супервизорските органи од Албанија, Словенија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Република Српска и Македонија.