Македонија Над 1000 деца од Тетово уживаа во изведба на бајката „Петар и...

Над 1000 деца од Тетово уживаа во изведба на бајката „Петар и волкот“ на два јазика

Директорот на НУ „Музички Ансамбл”, Ардиан Исмаили посочи дека на децата од Тетово потребни им се повеќе вакви настани кои им овозможуваат средба со нов свет кој допрва треба да го откријат

Фото: Националната установа „Музички Ансамбл”

Над 1000 деца од Тетово уживаа во двете изведби на симфониската бајка „Петар и волкот“ на македонски и албански јазик. Националната установа „Музички Ансамбл” Тетово го реализираше вториот проект од Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам преку кој децата во Центарот за култура уживаа во маестралното дело на Сергеј Прокофјев, оркестрирано и диригирано од палката на Ангел Спировски и Агона Чупи, со нарација на Рахим Рамадани, во изведба на камерен оркестар.

Директорот на НУ „Музички Ансамбл”, Ардиан Исмаили посочи дека на децата од Тетово потребни им се повеќе вакви настани кои им овозможуваат средба со нов свет кој допрва треба да го откријат.

„Децата беа воодушевени и среќни. Преку вакви едукативни претстави не само што ја негуваме најмладата публика, туку влијаеме на нивниот развој и на нивниот вкус за уметноста. Тоа е мотив плус да ги повторуваме ваквите настани и затоа работиме да ги има што повеќе во нашиот град”, посочи Исмаили.