Економија Компании од металната индустрија учествуваат на саем во Хановер

Компании од металната индустрија учествуваат на саем во Хановер

Македонските компании од металната и електроиндуструја учествуваат на најголемиот индустриски саем „Месе“ во Хановер.

Асоцијацијата на метална и електроиндустрија, заедно со уште неколку домашни компании, ги претставува капацитетите и производите на своите членки, но и капацитетите на индустријата во Македонија на промотивниот штанд на СИППО- Швајцарската програма за промоција на извозот на „Свитцерланд глобал ентерпрајс“ (S-GE) од 13 до 17 април.

– Во ова динамично време и брзи промени во индустријата, потребно е македонските компании да бидат присутни на сите големи индустриски настани во Европа. Конкуренцијата постојано се зголемува, сè повеќе компании од Азија се обидуваат да влезат на европскиот пазар, но ние сме тука за да покажеме дека компаниите од Македонија се сериозни партнери во металната и во електроиндустријата во Европа – изјави извршниот директор на МАМЕИ, Гоце Пешев.

Овој саем е извонредна шанса, огромен број компании од целиот свет да ги видат производите и услугите на македонските компании и да почнат бизнис-контакти со нови, како и да се зајакнат контактите со веќе постојните бизнис-партнери.

Саемот во Хановер е најголемиот индустриски саем во Европа, со повеќе од 5.000 изложувачи од 100 земји во светот. Саемската манифестација, која трае пет дена, ја посетуваат преку 180.000 посетители.