Дописници Калиманци со трипати помалку вода

Калиманци со трипати помалку вода

Источна Македонија полека се стабилизира откако браната Калиманци почна да се враќа во нормала. Според Центарот за управување со кризи, изутринава во 7 часот, дотекот на вода во акумулацијата изнесувал 73 кубни метри, додека од браната истекуваат 66 кубни метри вода. Тоа, практично, значи намалување на дотекот на вода за трипати, со оглед на тоа што во времето на прелевањето на акумулацијата дотекот на вода беше околу 290 кубни метри.

Се очекува во текот на денот да дојде до уште поголемо намалување на дотекот и истекот на водата, а со самото тоа и до намалување на водостојот на реката Брегалница.

Во меѓувреме, до петок тече рокот до кога граѓаните ќе може да ги пријавуваат штетите. Општина Штип ги повика граѓаните, особено оние од околината кои беа зафатени од поплавите и претрпеа штети, да ги пријават штетите од невремето.