Македонија Јавното обвинителство почна истрага за престрелката во Дреновац

Јавното обвинителство почна истрага за престрелката во Дреновац

По добиената кривична пријава за вооружениот инцидент во тетовската населба Дреновец, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица.

„Во кривично-правниот настан што се случил во саботата околу полноќ, учествувале шест лица поделени во две групи, кои со пиштоли и со ножеви се обиделе да ги расчистат меѓусебните недоразбирања. Осомничени се четири македонски државјани, Љ.И., К.В., М.М. и Р.О., кои се товарат дека сториле самостојни кривични дела убиство. Во исто време, двајца од осомничените, К.В и М.М., се товарат и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396, став 1 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението од јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за сите осомничени лица. Во моментот Љ.И. е на лекување во Клиничката болница во Скопје, а М.М. е недостапен на органите на прогонот.