Македонија Иванов: Празнувањето на Свети Сава е потврда на заложбите за меѓусебно почитување

Иванов: Празнувањето на Свети Сава е потврда на заложбите за меѓусебно почитување

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на српската заедница во Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Иванов во честитката вели дека преку празнувањето на денешниот ден, 27 јануари – Денот на првиот српски архиепископ, просветител и духовник Свети Сава, „ние ги потврдуваме нашите заложби за меѓусебно зближување и почитување“.

„Српската заедница била и ќе биде неотуѓив дел од Република Македонија. Со својот јазик, култура и традиција, припадниците на српската заедница ја збогатуваат различноста на македонското мултиетничко општество. Со своите индивидуални успеси и ангажмани, пак, припадниците на српската заедница придонесуваат за унапредување на културниот, економскиот и политичкиот живот во земјава. Одговорност на нашата заедничка држава, Република Македонија, е да го почитува и негува единството на оваа различност бидејќи тоа е изворот на нашата сила и тајната на нашето опстојување“, стои во честитката на Иванов.

Тој нагласува дека српската заедница во Македонија, како и македонската заедница во Србија, имаат и незаменлива улога на мост на поврзување меѓу двете соседни пријателски држави.