Свет Европа Германија: Атина доби рок од пет дена

Германија: Атина доби рок од пет дена

Излегувањето на Грција од Еврозоната ќе биде неизбежно доколку Атина и нејзините кредитори не пронајдат решение во наредните пет дена.

– Ќе направиме сè до 30 јуни за Грција да може да покаже дека е подготвена за реформите – изјави комесарот на ЕУ од Германија, Гинтер Етингер, за радиото „Дојчландфунк“, кој, исто така, е влијателен член на Христијанско-демократската унија, партијата на германската канцеларка Меркел.

Етингер нагласи дека излегувањето на Грција од Еврозоната не е цел на Европската унија, но тоа ќе биде „неизбежно ако не се најде решение во следните пет дена“.

Грција и меѓународните кредитори не постигнаа договор за исплата на финансиска помош на Атина, во замена за спроведување реформи и покрај интензивните разговори, последните неколку дена.

Оваа држава би можела да банкротира ако до 30 јуни не го исплати долгот кон ММФ, кој изнесува 1,6 милијарда евра. Помошта од 7,2 милијарди евра може да биде одблокирана откако Грција ќе склучи договор за спроведување реформи со ЕУ, Европската централна банка и со ММФ.