Дописници Един Карамазов ќе настапи вечерва во „Св. Софија“

Един Карамазов ќе настапи вечерва во „Св. Софија“

По одличниот прием на хрватскиот гитарист Анте Гело, заедно со Амира Медуњанин и со Звонимнир Шестак – басист, од „Амира триото“, вечерва, публиката со нетрпение ја очекува музичката средба во „Св. Софија“, со Един Карамазов, лаутист од Хрватска.

Покрај неизбежните Агустин Бариос и Астор Пјацола, на програмата се дела и од Питер Скулторп, Лео Брауер, Арво Парт и од Фернандо Сор.

Селекторката на музичката програма, Гордана Јосифова-Неделковска, го најавува Карамазов како еден од музичките врвови од годинешната јубилејна програма на 55. „Охридско лето“.

За музичката критика и за познавачите, Карамазов спаѓа во редот на „највозбудливите и најхаризматичните лаутисти на денешницата“, со фасцинантни настапи низ целиот свет, кои предизвикуваат воодушевувања кај публиката и кај критиката. Изведувач кој смело ги истражува крајните граници на двата инструмента што ги владее – гитарата и лаутата.

Добитник е на многубројни награди, меѓу кои престижната награда „Едисон“ во 2002 година, потоа наградата „Кубадиско“ за најдобар странски музичар на Куба, а номиниран бил и за наградите „Греми“ во 2001 година и за наградите „Брит“ во 2007 година.

Врвни светски композитори, како Кшиштоф Пендерецки, Арво Парт, Никита Кошкин, Лео Броуер и други, напишале дела за гитара или за лаута, посветени токму на овој изведувач.