Македонија Давчевски: „Рудници и железарница АД – Услуги“ да плаќа вода како и...

Давчевски: „Рудници и железарница АД – Услуги“ да плаќа вода како и другите правни субјекти

Советничката група на СДСМ и коалициските партнери, денеска на градоначалникот на Град Скопје му доставува претставка за да се спречи прогласување на незаконска одлука на штета на граѓаните на Скопје.

На последната седница на Советот на Град Скопје, мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука со која се овозможува на „Рудници и железарница АД – Услуги“ да користи чиста вода за пиење и за технолошкиот процес по цена 10 пати помала од цената на водата што ја плаќаат граѓаните на Скопје.

„Граѓаните на Скопје да плаќаат 29,59 денари за еден кубен метар вода, а за овој правен субјект управниот одбор на ЈП „Водовод“ одредува цена од само 2,54 денари. Дополнително, вака ниската цена е 23 пати помала од цената за вода што ја плаќаат болниците, училиштата, градинките и другите правни субјекти во Скопје. Не помогна укажувањето од советниците од опозицијата за штетата врз граѓаните и за незаконитоста на одлуката. Не беше прифатено ниту појаснувањето на правниот сектор, кој јасно укажа дека одлуката е незаконска“, вели советникот во Советот на Град Скопје, Драги Давчевски, во соопштението испратено до јавноста.

Во согласност со Законот за локална самоуправа, од градоначалникот на Скопје се бара оваа одлука, донесена од мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, да не ја прогласи и да не ја објави во Службен гласник на Град Скопје, односно да ја оквалификува за ништовна, да ја стави надвор од сила и да ја врати на Советот за укинување.

– Советот на Град Скопје има надлежност да носи ценовник што ќе важи за сите корисници, не за поединечни. „Рудници и железарница АД – Услуги“ има обврска да плаќа вода исто како и секој занаетчија, секоја болница, секое училиште или градинка, а тоа е по 68,5 ден плус ДДВ – се вели во соопштението.