Македонија Борко – кучето демонстрант – конечно си најде дом

Борко – кучето демонстрант – конечно си најде дом

Неформалната иницијатива на „Фејсбук“, „Да му најдеме дом на Борко – кучето што протестира“, денеска на страницата на „Фејбук“ напиша дека кучето си најде дом, надвор од Скопје.

„Драги пријатели, ве информираме дека Борко е вдомен во прекрасно семејство! Жалиме што мораше да биде вдомен надвор од Скопје, но тука, колку и да беше сакан, постоеја луѓе што сакаа да му наштетат. Оваа судбина ја делат многу улични кучиња во земјава, а Борко повеќе не е еден од нив. Можеби нема да го гледаме повеќе на протести, но бидете сигурни дека сега е многу посреќен!

Вакциниран, избањат, си добива храна, љубов и нега секој ден и одлично се снаоѓа. Нема да објавиме каде е вдомен бидејќи неговото ново семејство инсистираше на тоа“, пишува во објавата на „Фејсбук“.

Борко стана познат во јавноста откако своја поддршка им даде на „Критична маса“, протестите на студентите, на хонорарците, на новинарите, како и на други протести. Ова жолто-бело куче беше редовен учесник на протестите и ги предводеше колоните од граѓани.